Ден на отпорот на Ромите: Отпор од нацистичката ера до денес

„Ако дојдат, ќе повлечеме неколкумина од нив со нас во смрт”. Преживеаниот Мано Хеленрајнер опиша како, во 1944 година, неговиот татко, неговите чичковци и другите Синти и Роми ги здружиле силите во борбата за живот и смрт против СС-единиците. Една година претходно тие биле депортирани од Минхен во логорот за истребување Аушвиц.
Имал само десет години. За мажите во неговото семејство вели: „Тие биле во војска, не се плашеа”.
Заеднички се бореле против транспортот до гасните комори во концентрациониот и истребувачки логор Аушвиц-Биркенау, сведочеле преживеаните.
Аушвиц 1944: Отпор под неподносливи услови
Мажите организирале отпор во логорскиот дел Бле во Аушвиц-Биркенау. Таму тие и нивните семејства страдале од глад, жед, болести, брутално насилство и неподносливи хигиенски услови во таканаречениот „Цигански камп“. Децата први умирале.
Во кампот секој можел да го види пламенот од оџаците на крематориумите и да го почувствува ужасниот мирис на луѓето кои горат во гасните комори по нивното убиство.

По предупредување за голема операција на СС-припадниците, раскажувале преживеаните подоцна, затворениците се вооружувале со камења, стапови, лопати и сѐ што ќе можеле да прошверцуваат во касарната од нивната принудна работа. Тие се забарикадирале, подготвени да се борат, одбивајќи да излезат.
Братучедот на Мано, Хуго Хеленрајнер (1933-2015) подоцна ѝ раскажал на авторката Ања Такерман: „СС мислеа дека ако влезат, можеби ќе застрелаат неколку од нашите, но и дека нашите ќе убијат неколку од нив“. Стражарите конечно си заминале, се сеќава Хеленрајнер: „Веќе знаевме како деца дека тие сфатија оти луѓето овојпат се борат и неколкумина од нив ќе загинат. Не можат да ги убијат без проблеми“.
„Жените се најхрабри борци“
Многу затвореници способни за работа и поранешни војници на Вермахтот со нивните семејства се префрлени во други концентрациони логори. Братучедите Хуго и Мано Хеленрајнер, заедно со нивните родители и браќа и сестри, исто така, избегнале да бидат убиени во Аушвиц.

Околу 4.300 преостанати затвореници, деца, мајки, постари и болни, биле качени на камиони во текот на ноќта меѓу 2 и 3 август 1944 година. Тие се бранеле со сета своја сила, забележува еден полски затвореник: „Жените се најупорни борци – тие се помлади и посилни – и ги бранат своите деца“.
Но, СС-војниците брутално ги извлекувале децата за нозе и претепувале старци. Сите се убиени во гасните комори. Истата ноќ, сведочи очевидецот, црн чад се надвиснал над кампот.
Заедничка борба за опстанок на Синти и Роми
Отпорот на Синтите и Ромите во Аушвиц воопшто не е истражен, вели Карола Фингс за ДВ, долго време никој не се интересирал за тоа. Историчарката од Истражувачкиот центар за антициганизам на Универзитетот во Хајделберг е уредник на „Енциклопедијата за нацистичкиот геноцид на Синтите и Ромите во Европа“, наменета да го направи постојното знаење достапно на интернет.
Извештаите на преживеаните и на еден полски затворски службеник не можат јасно да се датираат, вели Фингс. Но, тие ја покажаа борбата за опстанок и заедничката потрага по стратегии: „Како да излеземе живи одовде, како да ги заштитиме нашите најблиски? Со оглед на ужасите во Биркенау, за восхит е како луѓето солидарно се обидувале да преживеат заедно.“
Писма до Хитлер – жените протестираа во Берлин
Семејствата на Синтите и Ромите во Аушвиц не биле поделени на машки и женски блокови како другите затвореници. Ова е поврзано и со нивниот претходен отпор кон прогонството, анализира Фингс: кога семејствата на Синти и Роми се разделувале, постоел жесток отпор.

Уште во 1938 година, кога неколку стотици мажи биле депортирани во концентрациони логори, првенствено жените протестирале: „Сопругите, мајките, сестрите, ќерките патуваа во Берлин и водеа кампања за ослободување на нивните машки роднини. Тие честопати го прифаќаа ризикот да бидат депортирани во концентрационите логори затоа што беа толку бунтовни“.
Биле ангажирани адвокати и испраќани протестни писма до сите власти, од криминалистичката полиција до диктаторот Адолф Хитлер.
По нацистичката ера: Отпорот продолжува
По Втората светска војна, расистичкиот прогон и нацистичкиот геноцид врз Синтите и Ромите беа негирани. Сторителите продолжуваат да градат кариера и да ги шиканираат припадниците на малцинството, како во полициските сили, така и како експерти во постапките за обесштетување. „Тоа беше ужасна борба на преживеаните“, вели историчарката Фингс. Сепак, отпорот се формирал.
Хајнц Штраус го преживеал Аушвиц и изгубил многу роднини. Од страв направил сѐ за да не биде забележан како Синт, вели неговиот син Даниел. Романскиот јазик, јазикот на малцинството, неговите деца не смееле да го зборуваат во јавност. Но, тој и двајцата браќа подоцна се вклучиле во движењето за граѓански права. Со успех, вели Даниел Штраус: „Постигнавме признавање како национално малцинство, постигнавме признавање на геноцидот“. Денес тој е на чело на Здружението на германски Синти и Роми во покраината Баден-Виртемберг.
Ден на отпорот на Ромите: „Го славиме опстанокот, отпорот“
Здружението ги поканува особено младите на Денот на отпорот на Ромите. Тие се занимаваат со биографии како онаа на Зили Шмит (1924-2022), која го преживеала Аушвиц, која во текот на својот живот се борела против расизмот и прогонството.
Денот е важен за Синтите и Ромите, вели Даниел Штраус: „Го славиме опстанокот, отпорот“.
Регионалната асоцијација склучи договори со покраината Баден-Виртемберг за зајакнување на малцинството и борба против антициганизмот. Здружението обучува 1.300 полицајци на тема Синти и Роми.

Три до четири училишни паралелки го посетуваат културниот центар РомноКер секоја недела, вели Штраус. Постојат курсеви за обука на наставници и работилници за студенти. Ќе се основа Романес – академија и ќе нуди курсеви за јазици низ целата земја. „Ова е исто така отпор“, вели Штраус: „Ние се залагаме за нашите права и нашите должности“.
Што прави германската влада за Синтите и Ромите?
Во коалицискиот договор, новата германска сојузна влада се обврзува на борба против антисемитизмот и заштита на еврејскиот живот. Не се спомнуваат Синти и Роми, ниту борбата против антициганизмот. Тоа го загрижува, изјави Мехмет Даимагулер за ДВ непосредно пред промената на власта.
Дотогаш тој водеше кампања за правата на Синтите и Ромите како комесар против антициганизмот. Одлучени се многу мерки, но тие сега мора и да се спроведат.
Комесарот беше мост меѓу владата и припадниците на малцинството, изјави за ДВ ромската активистка Рената Цонкова. Укинувањето на функцијата би било грешка. Таа доаѓа од Словачка и работи за здружението RomnoKher во источната германска покраина Тирингија, грижејќи се за имигрантските ромски семејства, особено од Украина. Како и многу Роми во земјите кои ги нападна нацистичка Германија, нејзиниот дедо се борел како партизан против Германците и бил убиен.
Неговата внука во Германија го доживува она што студиите го докажуваат со години. И покрај многуте достигнувања и политички заложби, луѓето од малцинствата се дискриминирани – во градинките, училиштата, од властите, кога бараат стан и на работното место. Проблемите можат да се решат само заеднички со политичарите и властите.
Активистката е загрижена поради десничарските и расистички тенденции во Германија. Таа се присетува на времето на прогонство: „Ние повеќе не живееме во 1940-тите. Ја имаме нашата гордост, нашата култура, нашите традиции. Повеќе не дозволуваме да нè убиваат или испраќаат во гасни комори. Ние се бориме“.
Сторијата е превземена









































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































