ДО КРАЈОТ НА АПРИЛ ОПШТИНИТЕ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРААТ НА ВТОРИОТ ВЛАДИН ПОВИК ЗА ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ, ПРЕДВИДЕНИ СЕ 250 МИЛИОНИ ЕВРА

Владата денеска го објави вториот повик за инфраструктурни проекти на кој може да аплицираат сите Општини во државата. За вториот повик предвидени се 250 милиони евра, а како што кажа министерот за локална самоуправа Златко Перински, по забелешките на Општините по првиот повик, сега има олеснување во постапката за аплицирање.
„На овој повик нема да има ограничување, односно Општините нема да мора да ги почнат проектите до крајот на годинава. Тоа значи дека Општините ќе можат да аплицираат и со поголеми проекти за кои е потребно повеќе време за подготовка. Исто така, олеснети се и постапките за добивање градежна дозвола за објекти од јавен интерес и сметам дека тоа ќе допринесе да се аплицира и за проекти како изградба на градинки, училишта и слично“, рече министерот Перински.
Најголем интерес на првиот повик имало за изградба на улици и патишта, за што имало дури 225 проекти.





































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































