Муслиманите го слават Рамазан Бајрам

Верниците од исламска веросиповед во земјава, како и во целиот свет, денеска го слават празникот Рамазан Бајрам, кој се смета за еден од петте столбови на исламот и празник за духовно и за телесно прочистување.

Рамазан Бајрам доаѓа по едномесечниот строг пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце.

Во сите џамии, денеска се служи утрински Бајрам-намаз. По утринската молитва, верниците ги посетуваат гробиштата на своите роднини. Рамазан бајрам се слави три дена.

Честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ Реисул Улема, Шаќир Фетаи.

„Во овие празнични денови на Бајрам, ќе му се заблагодариме на Возвишениот Алах за тоа што ни овозможи да го постиме Рамазан и за благодатите што ни ги подарил. Но, да не заборавиме: во нашето славење и радост да ги вклучиме и сите луѓе кои имаат наша потреба: сиромашните, бездомниците, сирачињата, но и нашите исламски институции“, вели во честитката Фетаи.

Честитки за празникот упатија и претставниците на државниот врв и лидерите на политичките партии.

Претседателот Стево Пендаровски рече дека не само во претстојните три дена, туку и во текот на целата година да живееме во мир и во хармонија, да бидеме солидарни, исполнети со среќа и со радост.

„Сите сплотени да споделуваме со нашите ближни, со нашите поблиски и подалечни соседи визија за благосостојба, просперитет и развој на нашата заедничка татковина“, рече Пендаровски.

Премиерот во техничката Влада Талат Џафери рече дека како политичари ќе го поддржат градењето на заедничката држава.

„Исполнувајќи ги правата и обврските на секоја заедница, за продолжување на успешната приказна на мултиетничка држава во регионот, која во ова време на глобалните предивици се покажа како исклучително неопходна за семејството на европските држави“, рече Џафери.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски им посака на сите муслимански верници среќен Рамазан Бајрам и им посака здравје, среќа и бериќет.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вели дека Рамазан бајрам е празник на меѓусебна почит, солидарност и разбирање.

„Токму врз овие вредности, ние заедно го градиме нашето општество кое е еднакво за сите и токму затоа со оваа наша посебност ја интегрираме државата во големото европско семејство на народи и држави“, рече Ковачевски.

Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години.

Related post