Телото на Данка сè уште не е пронајдено – полицијата со сознанија дека било пренесено на друга локација
Регионот е нем по последната вест дека двегодишната Данка Илиќ била удрена со кола, а нејзиното тело било фрлено на депонија. Нејзиното тело сè уште не е пронајдено. Министерот за внатрешни работи на Србија, Братислав Гашиќ рече дека полицијата има сознанија дека еден од осомничените на 28 март, два дена по настанот, се вратил на депонијата и го пренел телото на друга локација.
Гашиќ вели „не им веруваме, бидејќи двајцата меѓусебно се обвинуваат“.
Српските медиуми објавија фотографија од белиот автомобил „фиат панда“ со кој што двајца работници на Водовод од Бор во Србија ја прегазиле малата Данка. Тие го признаа злосторството. Двајцата 50-годишни мажи признале и дека додека го возеле телото на Данка, ги пресретнал нејзиниот татко на кој му рекле дека не го виделе малото девојче на локалниот пат.