Јавна реакција: Зa нападот врз младиот Алиџан Мемети од Куманово

Ние, ромските граѓански организации, најостро го осудуваме физичкиот напад врз Алиџан Мемети, млад припадник на ромската заедница од Куманово, кој според јавно објавените информации се здобил со тешки телесни повреди и се наоѓа во сериозна здравствена состојба.
Овој случај не смее да биде третиран како уште еден изолиран инцидент кој ќе остане без одговор. Кога млад човек е брутално нападнат и оставен да се бори за своето здравје, институциите имаат обврска да постапат брзо, професионално и неселективно. Правдата не смее да зависи од етничката припадност, социјалниот статус или видливоста на жртвата во јавноста.
Бараме од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство во Куманово итно и целосно да го расветлат случајот, да ги идентификуваат и пронајдат сторителите, да ги обезбедат сите докази, вклучително и евентуалните видео-снимки од објектите во близина на местото на настанот, и да преземат соодветни мерки за кривична одговорност.
Дополнително, бараме надлежните институции да утврдат дали во случајот постојат индиции за пристрасност, етничка омраза или антициганизам како можен мотив. Во држава која се залага за еднаквост, владеење на правото и заштита на човековите права, секој напад врз припадник на ромската заедница мора да биде испитан темелно и без предрасуди.
Ромската заедница премногу често се соочува со недоверба во институциите, бавна реакција и чувство дека правдата е селективна. Токму затоа, овој случај е тест за институциите: дали ќе покажат дека животот, здравјето и достоинството на Ромите се еднакво важни како и на сите други граѓани.
Ги повикуваме Народниот правобранител, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, локалната самоуправа во Куманово и сите релевантни институции да го следат случајот и да обезбедат дека постапувањето ќе биде транспарентно, ефикасно и во согласност со законите.
Истовремено, апелираме до јавноста и медиумите да информираат одговорно, со почит кон достоинството на жртвата и неговото семејство, без сензационализам и без дополнително стигматизирање на ромската заедница.
Ниту еден млад човек не смее да биде претепан до степен да се бори за своето здравје, додека сторителите остануваат недостапни за органите на прогонот. Насилството мора да биде санкционирано, а институциите мора да покажат дека правдата важи еднакво за сите.
- Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико
- Здружението Асоцијација Иницијатива за Социјална Промена – ИнСоК
- Здружение за развој на ромската заедница СУМНАЛ
- Здружение на граѓани – Ромски Ресурсен Центар (РРЦ)
- Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација РРОМА
- Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари
- Здружението за правата на Ромите – Штип
- Здружение на граѓани Ромаверзитас – Скопје
- Центарот за ромска заедница ДРОМ – Куманово
- Здружението за унапредување, поддршка и развој на ромската заедница – АРКА Штип
- Едукативен Медиумски Центар – 24 Вакти
- Рома Прес
Регионален Хаб во рамки на проектот „Надвор од бариерите: Резилиентност на Ромите во Западен Балкан“









































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































